Приказната на Алзас
Некогашното јаболко на раздор меѓу Франција и Германија прерасна во тло за европско помирување
Во Стразбур – градот на крстопати, во кој битисуваат 500 илјади жители, се лоцирани најважните европски институции, Советот на Европа и Европскиот парламент зад чии врати се крои европската иднина
ДАНИЕЛА ТРПЧЕВСКА
Куќички налик на замоци со цвеќиња кои ѕиркаат од секој балкон, џуџиња со цветни саксии на главите кои ја полеваат тревата или мали ветерници кои неуморно се вртат покрај колоритните кафеани се сосема природен и вообичаен декор на малите живописни села во францускиот регион Алзас. Тој во текот на својата 2.000 години богата историја, често бил место на раздор меѓу две земји, два различни народа и освојувачи желни за моќ.Сега е простор на кој илјадници штркови ги свиваат своите гнезда, тло на кое се помируваат разбрануваните духови и се обединуваат различните европски култури на европските граѓани. Оваа лулка на печатарството е древно историско богатство, микс на различни влијанија со француско-германски шмек. Главниот град Стразбур е средиштето на француско-германското помирување, кое уследи по повеќегодишни судири меѓу двете земји. Избран е за алзашко седиште во 1949 година, како симбол на град кој ги обедини сите европски култури. Во овој град на крстопати, во кој битисуваат 500 илјади жители, се лоцирани најважните европски институции зад чии врати се крои европската иднина.
Стразбур не случајно е наречен град на крстопат. Го испреплетуваат бројни канали кои го поврзуваат регионот со другите делови на Франција. Едниот од каналите ги поврзува Рајна и Рона и оди до Средоземното море, додека друг канал го поврзува Алзас со Париз. Пловењето со мали бродови по каналите е особена атракција за туристите, кои за седум евра искусуваат неверојатно патување по алзашката историја, преку разгледување на древните градби и мистични сокаци. По нив врвулица од велосипедисти, најсовремениот трамвај ита по стразбуршките улици, неверојатно чисти и подредени во совршен спој. Реката Ил која тече низ градот брза да се спои со Рајна, која го испреплетува целиот регион.
Францускиот регион Алзас во текот на својата 2.000 години богата историја, често бил место на раздор меѓу две земји, два различни народа и освојувачи желни за моќ.Сега е простор на кој илјадници штркови ги свиваат своите гнезда, тло на кое се помируваат разбрануваните духови и се обединуваат различните европски култури на европските граѓани
Во средиштето на Стразбур е лоциран најтрадиционалниот и настариот дел на градот наречен “Petite France”, а во него доминира стразбуршката катедрала, величествена и импозантна.
Покрај многубројните зданија од кои запира здивот, особено привлекуваат зградите на Европскиот парламент и Советот на Европа, кои ги поврзува мост над надојдената река. Зградата на Советот на Европа е изградена во 1949 година и од тогаш е главно место каде се обединуваат демократските народи и државите од стариот континент. Моментално 46 земји членки кои претставуваат 800 милиони луѓе се дел од овој “клуб” чија цел е заштита на човековите права, како и на економските, социјалните, образовните, културните интереси.Околу 55 илјади посетители годишно доаѓаат во оваа зграда.
Зградата на европскиот парламент е особено интересна, бидејќи во нејзиниот средишен дел се простира раскошна ботаничка градина од филадендрони. Полукружната сала во која се одржуваат месечните сесии, може да прими 750 парламентарци, додека високата зграда содржи 17 нивоа на кои се сместени 1.133 канцеларии. Кровот на зградата е незавршен и на него се уште има место за изградба на простории за новите земји-членки.
Лево од тука се наоѓа исклучителното здание на Судот за човекови права, највисокото тело за ”исправање на неправдите”. Во овој суд меѓу другите се водат и 600 предмети од Македонија, од кои околу 200 се отфрлени, додека другите се во процедура. Ова е вкупниот број на предмети од Македонија кои пристигнале до судот од 1997 година.
Но, вистинската алзашка убавина е надвор од градот, каде средбата со една сосема поинаква култура, традиција и историја, буди желба да се запознаат сите скриени убавини на регионот. А тоа е можно само со талкање по живописните селца и нурнување во нивните шармантни винарски подруми каде може да се окуси питкото алзашко вино, традиционалните колачи со овошје, како и традиционалните јадења ширдан и кус кус
Има нешто неодоливо во прошетката по тесните улички во околните села околу Стразбур, каде на секој агол се појавува поинаква архитектура, заоблени врати и цветни балкони. Вистинска магија е денот да заврши меѓу лозовите насади, кои се пружуваат во недоглед, а чие зеленило нуди спокој далеку од градската врева и џагор. Всушност сите алзашки села се неверојатно спокојни и тивки. Куќите се осветлени, портите ширум отворени, луксузни автомобили паркирани пред нив, но луѓето едноставно ги нема, па често помислуваш да ѕирнеш низ прозорците и да навлезеш во алзашката интима. Таа глува тишина често може и да ви пречи, оти по една недела, кај и да е, ќе почнат да ви недостасуваат комшиските лаф муабети и кафиња. Но, понекогаш буди и неверојатна фантазија дека низ селата прелетуваат вештарки на метли. А токму вештерките се главна туристичка атракција во малото село Клингентал во престојував неколку дена.
А ваквиот мирен живот е всушност одлика на алзашаните кои имаат изразен француски, германски, но и силен алзашки идентитет. Алзас сега е француски регион, иако во текот на историјата неколкупати бил под германско владение. И ден денес луѓето во овој крај развиваат свој посебен идентитет, своја традиција и култура, а јазикот кој го говорат е еден вид на германски дијалект.
Долж целиот регион се простираат непрегледни полиња со винови лози, а остатоците од некогашните моќни дворци и замоци, кои надмено ѕиркаат од планинските врвови го намамуваат погледот. А од зад големите прозорци како да се потргнува завесата и заспаната принцеза срамежливо погледнува кон туристите кои се воодушевуваат на древните градби.
Села опколени со ѕидини, музеи на оружје, улици декорирани со зеленило и цвеќе, фонтани, интересни градби, куќи како од Волшебникот од Оз, мирољубиви луѓе, весели винарски визби во кои се пие досека не се зашеметите и не ви се зацрвенат образите – ете така изгледа Алзас